2008 » Археолошки дневник vol.2.1/2 ©
1st December 2008

Осврт кон книгата Проколната Земја од Мирон Динков

 

Може ли држава да има своја болка?

Таа кобна 1948 година фамилијата на мојот дедо засекогаш се распрчка по светот. Од шест браќа и две сестри, повеќето не ги виде никогаш во животот. Некој замина во далечната Австралија, некој само до Белград, а двајца од нив ги сокапаа своите коски 20 години по заднаните на тогашна Грција.

Кога на почетокот од 21 век падна ембаргото за сите оние македонци кои се родени во егејскиот дел на Македонија, мојот дедо посака да отиде да го види своето родно село Ајватово, крај Солун, денеска прекрстено во Лити. Со месеци му велев на татко ми дека тоа треба да се изведе мошне умно. Па така прво појдовме до Грција да го фотографираме селото и околината, а подоцна се вративме со камера барајќи да снимиме барем еден жив човек од неговата генерацијата. Му велев на татко ми “ако дедо преживее гледајќи ги снимкиве, можеш да го носиш во Грција”. Во тоа време веројатно и не можев да го сватам бремето кое со генерации тлееше во генетскиот код на мојата фамилија. Но гледајќи го дедо ми, сега веќе кревок старец, како липта пред снимките, ги доживеав товарот и болката со кој тој безгласно живееше толку многу години. И одеднаш се прекршив. Имав чувство како сето тоа да било моја лична историја, иако никогаш не сум ја преживеала, ниту пак сум била дел од неа. Историја која молкум е запишана во свеста на сите минати и идни генерации, а никогаш на хартија. Како отсекогаш да сум била вовлечена во таа безвременска приказна на мојот дедо кој се обидуваше да ни ја пренесе на мене и на брат ми како наследство кое вткаено во кодот на македонскиот народ провејуваше со стотици години.

Се уште не знам зошто не отидов на тоа патешествие со татко ми и чичко ми во родниот крај на мојот дедо. По кажувањата знам дека во моментот кога пристигнале во атарот на селото, тој клекнал и почнувал да ја бакнува земјата ронејќи ги грутките низ прстите и топејќи ги со своите солзи. Татко ми потоа долго повторуваше дека стоеле скаменети со мојот чичко не знаејќи како и самите да се справат со емоционалниот шок кој го преживеале. Ниту пак јас знаев да се справам со некои работи од типот зошто моите вујни и чиковци кога ќе им појдевме на гости во Солун не смееја да зборуваат на македонски јазик, па поради тоа како мала научив да го зборувам грчиот јазик течно. Оти тоа да ти било единствениот начин да се разбереме самите ние - во фамилијата.

Отткука сижето во книгата Проколната земја од авторот Мирон Динков го доживеав како моја лична судбина. Егзодусот на сите македонци од егејскиот дел кој моментално територијално и географски и припаѓа на Грција, е моја лична болка. Еден сосема навидум обичен роман ми заштеди илјадници зборови и уште толку интерпункциски знаци кои се потребни за да се опишат историските околности и социјалните случувањата кои придонеле за болката на една земја. За многуте светови поделени на половинки. Но тие не го чинат целото. Зошто знаеме дека “цело е само кога има се”.

Проколната земја од Мирон Динков е роман кој би требало да биде посветен на Македонија. Онаква каква што сме ја познавале и каква што всушност би требало да биде, а не каква што е. Ова е запис за многу човечки судбини, но за една болка. Болка која стихијно тлее во свеста на гените заробена во својата немоќ со столетија. Болка која никогаш не била вон фокусот на вниманието, иако многубројни настани ја менувале перцепцијата дека човекот не размислува за последиците од неговото создавање и уништување. Факт е дека некои болки ќе останат бесконечни. Веројатно најтешки се оние кои човештвото ги носи инкорпорорано во својата колективна свест, за да послужат како пример на идните генерации.

Алегоријата за болката на Македонија како Проколната Земја е прикажана во фабулата на романот која ја прати судбината на фамилијата Динкови од село Церево (Леринско) и нивните четири сина и една ќерка. Во обид да ги спаси од пеколните војни кои со години биле очекувани на овој дел од Балканот каде Турската империја се почесто колабирала, таткото Петар Динков своите деца Ѓорѓи, Ташко, Петро и Стефан ги праќа во ветената земја Америка. Сите карактери се толку пластично опишани и ликовите се толку блиски, како да се дел од вашиот комшилак. Како да биле тука отсекогаш, иако не дели цело едно столетие од нивните животни приказни. Плачев и читав. Можно ли е во секој од нив да се крие тајната за Македонија.

Преку патувањето кое започнува далечната 1911 година, потоа пристигнувањето во Америка, сместувањето, а подоцна живеењето во тогашната САД, се нижат ликовите на фамилијата Редмонд, рудникот каде работат, рударите, Арсак, садот … Бостон, нивните свадби, радости… Но во исто време и разделбата и тагата која секогаш ги влече на едно исто место. Земјата на спомените - Македонија.

Токму поради тоа најмалиот од сите нив Стефан по 20 години поминати во Америка како богат човек-бизнисмен, решава да се врати во своето родно село. Тука започнува вистинската мешаница од чувства помешана од навреда, лутина, достоинство, одмазда, мачнина, тага, страв, одговорност… во земја во која е променето се, од името на неговото родно село, неговото лично име, до неговиот иденитет.

Секој запис е сведоштво за една персона, за еден народ, за еден јазик, еден етнос. За неговото постоење. Затоа, да се промени името на некој човек  во историјата се смета дека претставува почетен чекор кон бришење на национален, културен или личен идентитет. Посебно со примерот на менувањето на идентитетите во Отоманската империја, кога турците се обиделе да напишат и да создадат еден свој дискурс на историјата, а подоцна со геноцидот на грците врз етничките македонци населени во тогашниот северен дел од нивната земја. Но не може едноставно да се удри четка врз сите културно-историски споменици и свежо варосаната боја да ја исчисти историјата напишана со крвави букви врз белиот малтер. Се вели дека историјата ја пишува победникот. Ама од такви истории кои ги пишувале победниците денеска се соочуваме со дупки во колективната меморија, кои со сета силина на вртолог ја вклучуваат и судбината на Македонија. Што станува тогаш со губитниците?.

Болката која ја има Македонија низ својата историја не е ниту прва, ниту последна. Ниту пак единствена во светов. Секoja држава, народ, ентитет, си има своја болка и секој мисли дека неговата е најголема, најдлабока, бескрајна. Затоа прикаската за Александар Македонски, чашата со сонцата од штитовите, двете змии и една клетва се преклопниот дел во книгата. Тие се почеток и крај кој се спојува во една мачна бесконечност. Смртта на еден од најголемите кралеви во историјата на човештвото служи да не врати и да не потсети на автентичните настани кои многупати ќе се повторат низ историјата на еден народ. А народот пак вели дека нема ништо полошо од тоа историјата да се повторува. И така се во пеколниот круг на една Проколната Земја.

Поентата на авторот кој и самиот има потекло од егејскиот дел на Македонија се пронаоѓа во вториот дел од книгата која веќе го допира и нашето совремие. Засегнат со болните реални факти кои историјата ја прават извитоперена контеса, а во обид да се врати кон своите корени, тргнува во едно лично патешествие со непознат крај. Иако тој се наѕира од секоја запишана реченица, дека еден човек, една фамилија, една земја, може да опстане само ако е целосна. Ако не е поделена. Со кантар на кој од едната страна се ставени надежта за среќата (лична и општествената), а на другата страна - вистината … За тоа кој си, што си, од каде си и кому припаѓаш.

И за крај, не знам дали се сеќавате на видео спотот и на песната од Miyatta посветена на македонците од егејскиот дел на Македонија. Минатото не треба да се оживува, треба да се надживее. Но за да го надживееме, најпрво треба да го запознаеме за да можеме да го надраснеме. А пред тоа, треба да го запишеме.

Ова мое скромно мислење е во чест на анонимниот автор Мирон Динков кој ја напишал оваа книга. Зошто што знае дека “вистината” е таа која опстојува. Затоа драги мои блогери, пишувајте за неа.

Зошто незапишано-неслучено.

напишано во Антропологија, Археологија, Историја, Книги и литература, Политика, Уметност | 0 Коментари

30th November 2008

Археоблог дел од престојниот XX редовен симпозиум на Македонското Археолошко Научно Друштво

 

Редовниот симпозиум на МАНД (Македонското Археолошко Научно Друштво) чиј член сум и јас, се одржува на секои две години. Како резултат на презентациите кои потекнуваат од лични истражувања или археолошки ископувања, потоа се вообличува книга со научни текстови под наслов Macedoniae acta archaeologica. Зборникот по правило би требало да излегува веднаш после секоја одржана средба, ама тоа убаво звучи на хартија, бидејќи во моемнтов се уште се чека да се публикуваат текстовите од симпозиумите одржани 2004 во Гевгелија и 2006 во Делчево. Да не отворам тема дека претходните изданија воопшто ги нема ниту да се купат, ниту пак се поместени на Интернет каде за воља на вистината можете да ја прочитате само нивната содржина.

Овој  XX редовен симпозиум на МАНД ќе се одржи во Кичево, во периодот од 03.12-06.12.08 во Хотел “Унион”. Програмата на учесниците е поместена на веб страницата на друштвото каде може да се забележи прилично набилданата агенда за сите 3 дена.

На овој симпозиум за прв пат решив да одам со теми кои генерално се непознати за македонската археологија, но многупати разработувани во моите постови. Темите со кои ќе настапам се:

Зошто македонските археолози треба да публикуваат на Интернет под лиценцата на Creative Commons ” и

Блог-Археологија, создавање извори на знаење со отворен пристап“.

Тука само ќе го сумблимирам она што сметам дека на моите колеги им е потребно за да се запознаат со предностите кои ги нуди Интернетот, во надеж дека можеби еден ден ќе се скрши јазичната бариера во on line публикувањето, а со тоа ќе се зголеми и нашето присутво во дигиталниот свет.

Се надевам дека оваа средба ќе помине во добро расположение за разлика од претходниот симпозиум на кој надвиснаа тмурните облаци од случајот со “Штитовите од Бонче“, и тој пред него запечатен со исповедта на веќе починатиот Воислав Санев.

Воедно, овој пост е отворена покана за сите медиуми кои би сакале да знаат што се случувало со македонската археологија во изминатите 2 години, а немале можност тоа да го дознаат на поинаков начин.

So, Let the Archaeologcal Games Begin

напишано во Археологија | 0 Коментари

30th November 2008

Археоблог повторно публикуван во списанието Културен живот

 

Списанието за култура, уметност и општествени прашања “Културен живот”, во најновиот двоброј за оваа година поместува теми и дилеми од областа на литературата, поетиката, постмодерното поимање на денешнината… страници посветени на ромската култура… делот за филмската уметност, издавачка дејност и драмска библиотека…

По втор пат само за неколку месеци, во списанието Културен живот повторно се публикува уште еден мој научен текст. Потикната од постот кој неодамна беше објавен во Blogopedija, во него се бавам со конструирање на реалности и вистини, посебно во полето на археологијата и културното наследство.

А вие, можете а и не морате да ми дадете 2-3 податока. Со или без нив ќе конструирам сопствена вистина. Нели целта на блоговите е вистина да опстои, ма “каква и да била таа”. ;)

напишано во Археологија, Книги и литература | 0 Коментари