Дома Археологија Сте биле ли некогаш во амам – a во чифт или во...

Сте биле ли некогаш во амам – a во чифт или во тек?

31,267 views
12

Влезот на Чифте амамВлезот на Чифте амам во Скопје

Кога некој патник-намерник ќе дојдел во Старата скопска чаршија, таа имала да му понуди многу продавници каде што можел да (се) пазарува, неколку анови да јаде и да преспие и два амама каде можел да се избања и релаксира.

Чифте можеби не бил најголемиот амам во старото Скопје, но дефинитивно бил едно од архитектонските ремек дела на средниот век во Македонија.

Луѓето кои патуваат како туристи во Турција, и ден денеска можат како дел од нивните факултативни излети, да појдат во амам. За туристичката атракција број 1 во оваа земја ќе платите најмалку од 10-15 EUR по човек, па и нагоре.

Што ќе ви се случи кога ќе појдете во еден таков модерен амам. Правени по тертипот на старите јавни бањи, процедурата е следна. Прво влегувате во една мала просторија које е сауна. Потоа одите на масажа кај еден батка (а обично се такви и за мажи и за жени) кој со специјално масло за тело и ракавица наменета за тоа, ве масира притоа сминувајќи ви го површинскиот изумрен дел од епидермиот на вашата ценета кожа. Е дури потоа одите во базенот.

Од она што се знае за амамот (исти информации кружат по нетов како ракопис од ресавската школа – 1,2,3) е дека:

Чифте-амамот е амам (јавна бања) во Старата скопска чаршија, Скопје. Подигнат е во средината на XV век од страна на Иса бег и завештан за потребите на издржување на неговите задолжбини во Скопје, медресата и теќето.

Припаѓа на типот на двојни амами (турски: çift – парен, двоен), но е изграден по должина, така што машкиот и женскиот дел се составуваат со просториите за бањање, додека гардеробите се наоѓаат на краевите.

Во двата дела ритуалот на капење бил идентичен. Од гардеробата се влегувало во просторијата за аклиматизација. Од неа се влегувало во помошните простории (во женскиот оддел депилација и тоалет, а во машкиот – берберница и тоалет) и во главната просторија за капење. На средината на оваа просторија имало постамент од камен на кој се лежело за препотување или масажа. Ова место во женскиот дел се викало „роза на амамот“. Околу имало три простории со повискока температура, т.н. халвети. Покрај ѕидовите на главната просторија и во халветите, имало поплочени седишта и мермерни корита (курна), од кои се црпелаа водата за капење. Еден од халветите во женскиот дел на амамот бил адаптиран за ритуално капење на скопските евреи и во него наместо мермерно корито имало базен.

од Македонската Википедија

Амамот еднаш бил оштетен од големиот пожар во 1689 год. и настрадал во земјотресот од 1963 год. при што претрпел дополнителни оштетувања.

План на основата на Чифте амам

План на основата на Чифте амам
Кликни на планот за зголемена верзија

Амамот е изграден во ист стил како и другите исламски градби од тоа време со користење на цигли, камења и малтер. Во него доминираат две големи куполи сместени на спротивни страни од градбата, а има и повеќе мали куполи кои се наоѓаат во бројните соби, засводувајќи ги.

од сајтот на НГМ

Она што не можете да го прочитате во книгите или на интернет е дека се користел како бања до 1916/1917 год, а потоа неговите простории биле употребувани како магацини, при што некои од влезовите биле проширувани или затворани, или пак биле пробивани дополнителни нови врати.

Чифте амам дел од комплексот на Националната галерија

Амамот со децении стоеше руиниран како некоја последна прчварница, додека не започна проектот за ревитализација на Старата чаршија. Јас го паметам како едно запуштено место, лоцирано наспроти кафулињата каде што излегував како тинејџер. Во 2002 год. заврши целосната реконструкција на неговиот ентериер. Оттогаш наваму се користи воглавном за поставување на редовни и повремени изложби и денеска амамот кој блеска со сиот свој сјај, заедно со уште неколку објекти во Скопје е дел од комплексот на Националната галерија. Во рамките на НГМ функционира не само како изложбен салон на уметници, туку во него се одржуваат и концерти, еднашка годишно Базарот на ракотворби и разни други манифестации. Меѓу сите овие случувања, оваа сабота ќе се вброи и настапот на етно-групата Синтезис.

Постов беше само мало потсетување за она за кое знаеме дека го имаме, и во кое и покрај сите благодети, за жал не знаеме да уживаме.


Додаток:

Според македонската Википедија, Чифте амам спаѓа во повеќе категории: Скопски знаменитости | Исламски споменици на културата во Македонија | Стара скопска чаршија | Исламска уметност во Македонија итн.

Инаку влезот на Чифте амам е во близината на Сули ан, откај улицата ,,Битпазарска”, во срцето на Чаршијата.

На сајтот на Националната галерија може да се погледне одлично слајд шоу со слики од амамот.

п.с. Дел од сликите за моето слај шоу ги позајмив од SmugMug.

12 КОМЕНТАРИ

Leave a Reply to Археолошки дневник vol.3 » БЕСПЛАТЕН РАЗГЛЕД НИЗ ОТОМАНСКОТО НАСЛЕДСТВО НА СКОПЈЕ

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име