Home Отомански период Турбето во Алаџa-џамија – Скопје

Турбето во Алаџa-џамија – Скопје

3,625 views
2

 

Минатата година (некаде ова време) имав пост со наслов Уметноста на исламот во Македонија. Сепак би сакала да се осврнам и на некои поединечни елементи од оваа Исламската уметност и архитектура кои иако постојат, ставени се на маргините од проучувачите и никако да си го заслужат местото кое им припаѓа во културното наследство на Македонија. Тоа се објекти покрај кои секојдневно поминуваме, а скоро и да не ги забележиваме. Како и многу други културно-историски споменици во Македонија, ниту се ставени на мапа, нуту се означени со релевантни табли.

Во исламската архитектура турбе претставува надгробен споменик, мавзолеј. Како такво турбето нема свои втемелување во самата исламска традиција, но под влијание на надворешни фактори се појавило помеѓу самите муслимани, првенствено Турците. Особено се исполило во традицијата на суфиите, односно муслиманските аскети (езотеристи). Пресудно влијание за денешниот изглед на турбето извршиле Селџуците, кои делувале на промената на поединечните персиски елементи. Овие надгробни објекти биле доста често градени по населбите низ Македонија. Во нив биле погребувани позначајни верски и световни личности и обично се наоѓааат во дворовите на џамиите или се поставувани слободно низ населбата, на некоја височинка со доминантна позиција. Од нив се зачувани сосема мал број како што е турбето на Мустафа – паша во Скопје, обложено со бел мермер, турбето во дворот на Алаџи-џамија во Скопје, украсено со сини фајансови плочки; потоа, она во Битола, ѕидно декоративно со камен и тула, и турбето во дворот на Шарена џамија во Тетово.

Шестоаголното турбе кое се наоѓа веднаш зад Алаџa-џамијата во Скопје, е изградено во 15 век. Ѕидовите завршуваат со венец украсен со фајансови плочки во темна и светлосина боја, кои обликуваат шестокраки ѕвезди. Од нив нагоре започнува куполата што го покрива турбето.

Во 1963 година земјотресот во Скопје предизвикал оштетувања на неколку места на турбето. Подоцна се превземени конзерваторски работи при што била извршена неговата санација и заштита. Врз база на зачуваните делови од фајансните плочки биле изработени копии, кои заедно со неоштетените примероци денеска ја красат гробницата.


Додаток: За потребите на овој пост, на Википедија ги ставив текстовите за Турбе и за Турбето во Алаџи-џамија – Скопје.

Упатство:

Алаџa-џамијата се наоѓа на просторот кој од три страни е затворен со улиците : ,,Никола Мартиновски”, ,,124″ и булеварот ,,Крсте Мисирков”. Се нарекува уште и Исхак-бегова џамија (или Иса-бегова) и Шарената џамија во Скопје. Уште поедноставно, се наоѓа на релацијата Бит-пазар -> Куршумли-ан, прилепено и налегнато до т.н. женски пазар.

 

2 COMMENTS

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here