Home Археологија Пренесена реакција – Писма – Големата некропола кај Марвинци

Пренесена реакција – Писма – Големата некропола кај Марвинци

1,184 views
1

 

Реакција на загрижените граѓани по повод – Копачите не закопаа.

Добро е што Музејот на Македонија, Управата за заштита на спомениците и Министерството за култура, на крај се освестија и почнаа да размислуваат за заштита на локалитетот Исар Марвинци.Прво, зборот Исар не е соодветен за овој објект, кој потекнува од старо пеонско време, а подоцна, по основањето на македонската држава од Филип Втори во 352 година стара ера, е претворен во храм на македонските цареви, што може да се види и од написот на двете хоризонтални камени греди од храмот на кои меѓу другото може да се прочита: НАОС(?) ТОН МАКЕ()ОНИАРХОНТ()Н, што во превод значи – храм, односно, светилиште на македонските владетели.

Она што најмногу ги фрапира научниците не се само крепоста и храмот туку големата некропола што се протега од врвот над селото Марвинци во насока кон југ до месноста Лисичин Дол, Бабите, Думов Дол или до самата граница на селата Марвинци и Грнчиште. Целото плато меко се спушта до Вардар и е насочено кон запад, кон зајдисонце. Се работи за голема површина, не помала од гробиштата Бутел крај Скопје. Какво културно место претставува оваа некропола што потекнува од пред 3.000 години и во која биле погребувани и сиромашни и богати луѓе, а во нејзина близина не се откриени никакви траги за постоење на некој поголем град? Мистеријата станува уште поголема кога се знае дека во Пеонија сите поголеми градови имале свои некрополи. Така е со Атланта, Гортинија, Идомена, Стенае (Демир Капија), Антигонија (Неготино), Вила Зора (Велес), Астибо (Штип) и др. Не можеме да замислиме какви тајни се скриени на овој простор. Досегашните истражувања се повеќе од скромни. Се’ е оставено на дивите копачи, кои незадржливо беснеат откопувајќи артефакти од минатото и ги продаваат на непознати купувачи. Сега во оваа таинствена некропола лесно може да се избројат повеќе од 200 новооткопани гробови. Што е пронајдено во нив, односно за какво богатство станува збор, само можеме да замислиме, ако се знае дека во секој гроб има една или повеќе урни (грниња со пепелта на починатите), скапоцени ликови на божества изработени од теракота или мермер, разни керамички производи…. Каде е изнесено сето ова непроценливо богатство? Сигурно не е откупено од нашите музеи. Кој ќе одговара за ова злосторство направено врз нашето културно наследство?

Спасот се бара во заградување на овој локалитет. Наивно! Со поставувањето мрежа може да се спречат само зајаците да не влегуваат внатре, а не искусните и добро организирани крадци.

Локалитетот Исар Марвинци и Големите пеонски гробишта можат да се спасат само на следниот начин: Да се постави барака, опремена со соодветна светлосна и акустична сигнализација, во која деноноќно ќе престојуваат припадници на полицијата. Да се испита можноста за сателитско посматрање на одредени локалитети. Најефикасен начин за спречување на ова зло е да се почне со континуирани истражувања од нашите надлежни научни установи, со вклучување странски експерти и повлекување странски капитал. Да се донесе соодветна регулатива која ќе овозможи откуп на пронајдени артефакти од наши граѓани.

Да веруваме дека Европа и светот се подготвени да ги поддржат овие наши зафати и да ни излезат во пресрет со финансиска помош, бидејќи се работи за светско културно и историско наследство со несогледливи вредности.

Паскал Камбуровски, Скопје

1 COMMENT

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here